Да ги ослободиме артистите и публиката од празните комерцијални лаги
Интервју објавено во ПлуИнфо и Слободен Печат

- Од јули почнав со снимање на долгометражен филм , во моја режија и сценарио, во кој главна улога ќе има Мето Јовановски, а снимањето ќе продолжи во октомври. Исто така почнав да работам и на француски високо буџетен долгометражен филм, но засега сме само во сценаристичка фаза. Главниот глумец кој не можам сеуште да го откријам на јавноста, овој проект го опиша како „филмот кој ќе ја смени француската кинематографија на последните две децении", и ме спореди со францускиот режисер Метју Кесовиц, тврдејќи дека го со овој филм го надминувам неговото досегашно дело – открива Плевнеш во интервју за „ПлусИнфо“.
Тој воедно најави дека во исто време подготвува и изложба на фотографии која ќе биде промовирана во Приштина, Подгорица, Белград, Софија а ќе финишира низ Македонија почнувајки од Скопје.
Инаку Константин кој во Франција настапува под уметничкото име Хелблејзер најавува дека наскоро преку својата издавачка куќа „Sinoptic international“ ќе го објави 13-тото издание на компилацијата „Pure dopeness“ на кое соединува музичари од Јапонија, Америка, Бразил, Германија, Франција, Англија, Холандија, Турција, Австралија.
Плевнеш веќе извесно време пушта и музика во познатиот париски клуб „Ла Мироитери“ па го прашавме колку е тешко за еден млад и независен музичар и продуцент да се пробие и промовира на странскиот пазар. Тој вели дека промоцијата на сопствената музика е голем предизвик за независни музичари во секој аспект. Но таа е само детаљ во споредба со музичката креација, затоа и така треба да се третира.
- Не верувам дека промоцијата на своето дело го прави делото. Еве и на пример за мојот лејбел „Sinoptic international“ немаме класично лого, туку фотографија која сум ја направил јас. Веќе имаме 13 изданија на компилацијата „Pure dopeness“ на која соработувам со артисти од повеке од 20 држави од Европа до Америка преку Азија и Африка. Целта на овој проект е да инспирираме талент преку талент во светот на сите алтернативни музички жанрови како хип -хоп на пример, во кој за жал се шири прост и празен менталитет во стил на „пари, коли и шмизли“. Нашата порака е да инспирираме, сосем спротивно мото кое ги ослободи артистите и публиката од зависноста на празните комерцијални лаги - објаснува Плевнеш.
Со оглед на тоа што повеќе од 20-тина години живее и работи во Франција, каде се има и школувано и добро е запознаен со културно-уметничкиот живот, го запрашавме дали може да направи некаква споредба на алтернативната музичка и уметничка сцена во Македонија и Франција.
Константин вели дека тоа е многу сложено прашање, но наједноставно може да се одговори со тоа дека во Македонија не се фаворизира ниту се поддржува алтернативната музика или уметност, бидејќи таа е скоро секогаш независна, анти-комерцијална и револуционерна, се појавува како бунт во општество во кое сите сме „економски робови“ .
- Во многу аспекти тој вид на искрена уметност е срам и страв за жртвите на слепата и празна конзервативна политичка пропаганда која за жал владее на Балканот. Имаме многу талентирани музичари и уметници, но постои една мизерна и крвава конкуренција исполнета со презир и омраза мегу креативци кои би требало да се поддржуваат едни со други, а не да се газат по секоја цена, макар и многу ниска. Многу музичари и уметници се откажуваат од нивните принципи и верувања за да преживеат во ова сурово општество, и на крај се откажуваат од нивната музика или уметност – вели продуцентот.
Плевнеш своите филмски студии ги заврши пред да почне со снимањето на филмот „Тајната книга“ како личен асистент на легендарниот режисер Владо Цветановски.
- Нека почива во мир, никогаш нема да го заборавам и ќе продолжи да ме инспирира до крајот на мојот живот. Владо велеше за уметноста: „Уметност не се продава, уметност се раздава“. Во Франција, културниот живот е исполнет со оваа идеја, и се фаворизираат и множат настани кои се достапни до целата популација, а не само до една себична елита – потеницира тој.
Тој смета дека музиката, како и театарот, филмот, фотографијата, литературата и поезијата, треба да се достапни до сите социјални средини, а не само до една мизерна аристократска елита.
- Културата ни припаѓа на сите, без граници. Таа е нашата иднина и спас. Кога ќе се шетам по улиците на Париз, можам да ја видам и забележам во секоја стара и заборавена улица, исто како и во Скопје во Стара Чаршија, а не пред бледата копија на париската Триумфална капија која не претставува ништо посебно освен потреба за моќ – заклучува Плевнеш.