
На 4 декември вечерта пред преполнетата сала на Драмскиот театар во Скопје во продукција на Народниот театар од Охрид и театарот „Иси е ла“ од Париз, Франција се случи еден чудесен настан - класичната поема на Петре М. Андреевски и македонската модерна поезија беа претворени во театарски сон и визуелна кореодрама што ги брише границите на светската историја. Со „Дениција“, македонската амблематска поема, минуваат пред нашите очи незаборавни мигови од историската 1968 година кога се случуваат неверојатни настани, револуции, убиства, политички утопии и масакри на надежта. Во Македонија е создадена духовната основа на македонскиот национален идентитет преку стиховите што стануваат идентификација на сите поколенија во блиското минато и блиската иднина.
Кога ја љубев Дениција
Како да учествував во создавањето на првата македонска држава.
Лириката на Петре М. Андреевски во „Дениција“, се претвори во една несекојдневна естетска доживелица преку режисерската палка и оригиналниот приод визави сите клишеа на нашиот познат уметник и режисер - Константин Плевнеш. Овој татарски сон што не случајно се создава во овие мигови на современото македонско живеење е и своевидно потсетување - дека кај нас постојат уметници што ја чуваат „Дениција“ како наша оставина и завет за оние што доаѓаат. Страдалничкиот сјај на овој таинствен свет на македонската сага од една страна, и љубовта како наш категорички императив од друга страна, се испреплетуваат во моќен театарски сон, како надеж за еден поубав и почовечен свет, свет како пулсирачко ткиво на целовитоста на македонскиот национален идентитет. Додека некои денес сѐ уште го земаат оружјето в рака, како што вели младиот и талентиран режисер, другите ја земаат својата палка како млади водачи и револуционери на своето време и нѐ потсетуваат на Мартин Лутер Кинг кога велеше: „Имав еден сон“. Тој сон како љубовен занес го наоѓаме во кореодрамата за „Дениција“, зашто кои сме ние без љубовта? Кој е човекот без сопствениот идентитет и својата татковина? Kако ехо низ драмата постојано струи и прашањето: Која е трајната смисла на човечката опстојба? Навлегувајќи се подлабоко во светот на човекот, светот на уметноста, исто како и во драмата „Дениција“ имаме проблем на односот реално - идеално. Во таа релација љубовта кон Дениција живее во две димензии: раѓањето и смртта.
Трагиката во кореодрамата „Дениција“ не ја наоѓаме во самата смрт што ни е на секому од нас најдефинитивно дадена, туку во еден копнеж, копнеж за поубав и почовечен свет, свет на своја самостојност што е единствено возможен преку љубовта, зaшто без љубовта доаѓаме до она на што уште нѐ потсетува Хобс: „Војна на сите против сите“.
Театарскиот сон „Дениција“ е завршно целосно дејство што буди страв, жал и сочувство кога човекот станува свесен за неповторливоста на својот живот, но кога станува и свесен за себеси, за оние што ги сака и за онаму каде што тој живее.
Во тие драматични мигови на страв и трепет токму кога ние се идентификувавме со трагичниот јунак и неговата судбина, интензивно се соочуваме и со нашите најголеми стравови: губењето на љубовта од саканата личност или нејзината неминовна смрт. Токму во тој миг кореодрамата ќе изврши една беспрекорна трагична катарза преку љубовта како светлина (Дениција) помеѓу две темнини, онаа од која несфатливо како, но дојдовме, и онаа во која можеби и ќе заврши човекот ако никогаш не ја запознае. Кореодрамата „Дениција“ е склоп на повеќе уметнички техники каде што се испреплетуваат т.н. убави уметности меѓусебно дополнувајќи се во една целина на драмското дејствување преку: поезијата, филмот, сликарството, трагедијата, балетот.
Преку заводливите ритмичко-хармонични движења на балетот и впечатливата композиција што само ја интензивираше драмско-љубовна приказна за Дениција, нѐ стави во миговите на големото искушение на трагичниот јунак преку прашањето: Дали да ја напушти својата најголема љубов и да се предаде на надворешниот блескав сјај на онаа што го заведуваше, која за сигурно ќе го однесеше далеку од местото на љубовта, претворајќи го во вечен роб на надворешниот сјај на живеењето? Но, и тука победи љубовта, затоа што како што ќе забележи Петре М. Андреевски, Дениција, таа е наша учителка по дишење, без неа нема светлина ниту живот, без неа ќе се изгубиме како никогаш да не сме постоеле. Таа е онаа што доаѓа во најдлабоката темнина на човекот како најблескава ѕвезда со целиот свој сјај, во најтемната ноќ - и единствено ако се охрабриме да ја кренеме главата ќе можеме да ја доживееме во сета убавина, а таа убавина да ја чуваме за навек. Затоа што Дениција е нашата љубов, таа е и нашата болка, нашата судбина што ја носиме во себе како смрт и го најавуваме доаѓањето на идеалот. Низ таа љубов ние ги поставуваме оние вечни, перенијални, трансисториски прашања. Кој сум, каде сум, за што вреди да живеам, а за што да умрам?
„Дениција“, како што нѐ потсетува авторот, е онаа тишина во погледот, прстен што се става на раката, две рани што се прегрнуваат како завет среде срцето, онаа што можеби ќе нѐ надживее. Кореодрамата Дениција е и барањето на светлината во овој овоземски свет, онаа што топи снегови во движење, онаа што има моќ да го бакне металот и громот едновремено. Дениција, е и онаа за која дојдовме на земјата да ја чуваме, затоа што ништо не беше поприсутно од нејзината отсутност. Дениција е онаа љубов кога телото станува непотребно, а остануваше само душата како песна на славејот, која ги спојуваше небото и земјата.
Дениција за која не ќе можевме да умреме ако никогаш не се родеше. Дениција е и метафора на совршена женска убавина што по својата диферентиа специфика ги подразбира љубовта и страдањето, онаа што постои во секоја клетка на нашето битие, која ја носиме во себе сѐ до нашата смрт како божествениот дух во себе и надвор од себе таму каде што повторно ќе ја најдеме. Сите овие духовни превирања внатре во нас не ќе можеа да се остварат без маестралната игра на првенецот на Драмски театар, Рубенс Муратовски како Петре М. Андреевски, вистинското откровение на младата актерка Димитрина Мицкоска како Дениција и разорно убавата кореографија на Саша Ефтимова од МОБ, која ја возбуди до солзи публиката, а која играше на музиката на Стравински и на оригиналните композиции на Константин Плевнеш. Посебно треба да се истакне фасцинантната сценографија на интернационалниот мајстор Валентин Светозарев, сликите на тема „Дениција“ од Сергеј Андреевски, синот на Петре М. Андреевски, кој ја гради својата кариера по сите меридијани не заборавајќи го своето родно село Слоештица, костимографката Марија Пупучевска, која втиснува прекрасен печат, како и видеоартот на Милчо Узунов, кој се слеваше во единство што успева да ви го откорне срцето.
Посебно треба да се истакне екипата на Народниот театар од Охрид на чело со директорот Горан Стојановски и присуството на Флоријан Габер од Париз, која е копродуцентка на претставата и промовирањето на „Дениција“ во европските метрополи.
д-р Мимоза Рајл